Оваа зима Јадранци повторно ја донесоа топлината на извидничкиот дух, иако надвор владееше студ! На зимувањето 2025, кое внимателно го организиравме со љубов и посветеност, младите извидници ја покажаа својата упорност, љубопитност и желба за напредок.
Во текот на неколкуте денови исполнети со активности, се полагаа нови вештарства, се стекнуваа корисни и практични знаења, а секој учесник имаше можност да ја покаже својата подготвеност и тимски дух. Посебно внимание посветивме на обуките за прва помош и заштита (ППЗ), каде постарите извидници ги обучуваа најмладите како правилно да реагираат во итни ситуации и да им помогнат на другите.
Покрај тоа, имаше многу другарување, игри и вечерни дружби покрај логорскиот оган, каде секоја насмевка беше доказ дека извидништвото не е само хоби – тоа е начин на живот.
Зимување 2025 останува запаметено како уште едно прекрасно искуство во извидничката приказна на Јадранци – место каде што растеме, учиме и создаваме спомени што топлат и во најстудените денови.

